Играта во која никој не знае дека учествува

Пред неколку години почнав да правам нешто за кое немав име, а идејата ми дојде сосем случајно и спонтано седејќи во кола на семафор. Пред мене имаше амбулантно возило, без сирена, но со вклучени ротациони светла кое уредно си чекаше на семафор. “Добро е, не е толку итна работава”, си помислив. Беше приквечер и во бело осветленото амбулантно возило јасно се гледаа двајца болничари како прават муабет со човекот внатре, претпоставувам легнат на кревет-носилка. И одеднаш, од нигде-никаде ми дојде мисла: “Господи, благослови го човеков што лежи и неговата фамилија и ајде, се’ да се заврши добро вечерва”. Семафорот се запали зелено, амбулантното возило замина со ротационите светла и со судбината на еден човек вечерва.

Оттогаш започна мојата лична игра со судбината на случајно пресретнати луѓе. Ќе здогледав непознат човек на улица и, сосема тивко, ќе му посакав нешто добро.

На жената што брза со полни раце ќеси: Да стигнеш дома на топло што побрзо и некој да те пречека. На колпортерите што продаваа самошто излезени топли весници од печатниците: Да продадете се’ за два саати вечерва и побрзо да си одите дома . На девојката што се смее гласно додека зборува на телефон: Да ти трае радоста. На луѓето што метат по нашите улици (популарно наречени метлари  во Паркови и Зеленило): Фала ви што ги одржувате улиците чисти.

Не ги познавам. Не знам дали моите желби имаат каква било врска со нивните животи. А сепак, речиси секој ден, некого благословувам во себе. Најчесто луѓе, кои несвесно – замислени поминуваат покрај мене. Да, свесно размислувам за несвесно-замислените луѓе по нашите улици.

Е сега, неодамна на социјалните мрежи, дознав за идејата што некои ја нарекуваат people blessing — мала игра во која на случајни луѓе им посакуваш добро, без тие да знаат. Се насмеав кога ја прочитав. Излегува дека веќе долги години ја години играм, а не сум ги знаела правилата.

Можеби токму тоа ми се допаѓа кај оваа игра: нема резултат. Нема начин да провериш дали си „победил“. Човекот продолжува по својот пат, а ти по својот. Единственото што се случува е еден краток миг во кој го гледаш како личност, наместо како уште едно лице во толпата.

Ова не е верување дека со мисла можам да променам нечија судбина. Не знам што му треба на странецот покрај мене, ниту јас сум таа што треба да го спаси. Можам само, наместо веднаш да претпоставам нешто за него, да му посакам добар ден. Тој мал избор го менува начинот на кој јас поминувам низ денот.

Ако сакате, пробајте. Одберете случаен човек додека чекате на семафор, во продавница или во автобус. Не мора ништо да кажете. Посакајте му нешто убаво и продолжете понатаму.

Можеби ќе откриете дека најубавиот дел од играта е токму тоа што никој не знае дека сте му посакале среќа.