Марио Тестино е роден во Лима, Перу, во 1954 година. Се преселил во Лондон во 1976 година. Оттаму изградил кариера што ги поврзала модните списанија, луксузните брендови и славните личности. Неговите фотографии се појавувале во Vogue и Vanity Fair, обликувајќи ја визуелната фантазија за успех, убавина и живот со стил.
Со светска слава Марио Тестино се стекнува во 1990-тите, преку модните едиторијали и кампањите за Gucci. Пресвртна била 1997 година, кога ја фотографирал принцезата Дијана за Vanity Fair. Нејзините опуштени, насмеани портрети станале меѓу неговите најпознати фотографии и го зацврстиле неговото место меѓу најбараните светски фотографи. Пред неговиот објектив уште на самиот почеток застанале и Кејт Мос, Мадона, Гвинет Палтроу, Роби Вилијамс и Џон Галијано. Модели, музичари и актери станувале дел од ист свет, во кој самодовербата е речиси подеднакво важна како облеката. Истовремено, Ана Винтур се јавува како важна поддршка во кариерата на Тестино. По објавувањето на портретите на Дијана во 1997 година, преку неа добил договор со американскиот Vogue, што дополнително го зацврстило неговиот светски успех. Нивната долгогодишна соработка опфаќала повеќе насловни страници и модни едиторијали, а Винтур го напишала и воведот за неговата книга In Your Face од 2012 година.
Од модна кампања до желба за поинаков живот и фотографија
Тестино фотографирал кампањи за Gucci, Burberry, Versace, Chanel, Dolce & Gabbana и Estée Lauder. Во неговото портфолио се среќаваат облека, козметика, луксуз и препознатливи лица — состојките од кои модната индустрија создава желба. Неговиот визуелен јазик ја проширува таа желба: гледајќи ја фотографијата, лесно почнуваме да го посакуваме и расположението што го ветува.
Но, презаситен од модната фотографија, кај Тестино се раѓа желбата за поинаков уметнички израз; така, во 2013 година се раѓа проектот Towel Series, каде познатите личности ги фотографирал со крпи и бањарки. Едноставниот мотив – белата крпа станал препознатлив фотографски потпис, со чувство на приватен момент зад сцената; а сè започнало со Кејт Мос во гардероба: бањарка, крпа завиткана околу главата и момент што му го привлекол вниманието на Марио Тестино. Без сложена модна комбинација, без накит што го презема кадарот. Од таа сцена се раѓаат Towel Series, фотографскиот проект што почнал да го објавува на Instagram во 2013 година.
Идејата била едноставна: што останува од препознатливиот имиџ на една ѕвезда кога ќе ја тргнете дизајнерската облека? Во овие портрети, белата крпа станува заедничка почетна точка. Секој ја носи поинаку, а изразот, телото и ставот добиваат повеќе простор.
Пред неговиот објектив во оваа серија се појавиле Кејт Мос, Наоми Кембел, Жизел Бундхен, Кара Делевињ, Карли Клос, Миранда Кер, Џоан Смолс, Бела Хадид, Ана Винтур. Во серијата учествувале и Џастин Бибер, Фарел Вилијамс, Кристијано Роналдо, Нејмар и Дејвид Ганди. Бен Стилер, пак, ја внел својата модна пародија преку ликот Дерек Зулендер.
Тестино ја опишува серијата како своевиден „приватен клуб“. Фотографиите оставаат впечаток дека сте ѕирнале во гардеробата меѓу две снимања, додека славните сè уште не го облекле својот јавен лик.
Секако, и крпата може да биде костим. Овие луѓе добро знаат што прават пред камера. Токму затоа е интересно да се гледа кој ќе се пошегува, кој ќе флертува со објективот, а кој ќе застане со сериозност како да позира за кралски портрет. На сите им е дадено истото парче бел памук. Останатото си го донеле сами. Тука е и шармот на целата замисла. На крајот, после сите насловни страници и скапи кампањи, доволни се крпа и добар поглед во камерата за повторно да ни го привлечат вниманието.
Друг дијаметрално спротивен проект на претходниот, е проектот Alta Moda, каде Тестино го насочува објективот кон луѓето од регионот Куско во Перу, облечени во традиционална свечена облека – претставени се бројни раскошни празнични носии и костими за традиционални танци и обредни ликови, меѓу кои и ѓаволски маскирани фигури, од различни краишта на регионот Куско — Писак, Калка, Паукартамбо, Тинта, Канчис и Еспинар. Богатите ткаенини, везовите и боите го добиле централното место во кадарот на овој проект. Овој проект претставува еден од најличните, долгогодишни проекти на Тестино, кој траел од 2007 до 20212 година.
Од Лима до Лондон
Од Лима до Лондон, од модните редакции до кралските портрети, Марио Тестино изградил кариера фотографирајќи ги луѓето што светот сакал да ги гледа.
Неговите кадри помогнале да се одреди како изгледале славата, убавината и луксузот во една цела епоха.
За модните куќи создавал желба, а на насловните страници им давал лица што продавале милиони соништа за поубав живот.
Со Дијана направил фотографии што останале дел од начинот на кој светот ја памети.
Со Кејт Мос и другите големи модели ја претворил модата во друштво во кое сите сакале да влезат.
Во Towel Series им ја тргнал скапата гардероба и им оставил на ставот и погледот да го носат кадарот.
Со Alta Moda се свртел кон Перу и ја поставил традиционалната облека пред истиот објектив што го познавал светскиот гламур.
Низ сето тоа, се чувствува неговиот апетит за луѓе, бои, тела и живот што се случува со полна сила. Неговите најдобри фотографии го задржуваат вниманието и откако ќе препознаеме кој е на нив – а тоа е најтешката работа кај професијата во која сите се борат за внимание на она што го гледаме пред нас.