Да, добро слушнавте. Во време кога парфемската индустрија речиси секоја недела нè убедува дека ни треба нешто „ново“, модната куќа Dior направи нешто многу поинтересно за љубителите на Диор парфемите: се сврте кон сопствените архиви. А како го направи тоа? Такашто, го најми
Kurkdjian како реставратор
Под креативното водство на Francis Kurkdjian како моментален главен парфимер на Dior, куќата ја претстави Dioriginals – колекција од 13 историски парфеми што од 1 октомври 2026 повторно се враќаат во фокусот. Но, зборот камбек овде можеби и не е сосема доволен. Kurkdjian не сакал едноставно да ги препакува старите формули, туку да им го врати карактерот што го имале кога биле создадени.
И токму тука приказната станува убава, бидејќи парфемот не е слика што може осумдесет години да стои во музеј; Тоа значи дека природните суровини се менуваат, некои состојки повеќе не се достапни, други се ограничени со современите регулативи, а низ децениите формулите секако претрпуваат мали адаптации. Затоа, по многу такви промени, мирисот што го носи истото име не мора веќе целосно да мириса како оној што го паметиме.
Затоа Kurkdjian овде е помалку автор, а повеќе реставратор на мирисна меморија. Притоа, значајно за Dioriginals е што опфаќа речиси осум децении: од Diorama од 1949, преку Diorissimo, Diorella, Dioressence, Dune и Dolce Vita, па сè до Higher Energy од 2003 година.
Затоа, пронајдете го вашиот омилен камбек: Diorama, Eau Fraîche, Diorissimo, Diorling, Diorella, Dioressence, Jules, Dune, Dolce Vita, Dune Pour Homme, Higher, Forever and Ever или Higher Energy.
И шишето се враќа во минатото
Dior не застанува само на мирисите. Сите 13 парфеми се сместени во историското Ovale шише, дизајнирано во 1948 година од Serge Heftler-Louiche, коосновачот и првиот директор на Parfums Christian Dior. Проѕирно стакло, заоблен затворач, бело врвче околу вратот – како да бега намерно далеку од визуелната врева на современата парфимерија.
И токму тоа можеби е најинтересниот дел од целиот проект.
Dior не се обидува да го направи минатото модерно. Се обидува повторно да ни покаже зошто тоа минато воопшто станало класика.
Dune повторно е Dune. Dolce Vita (мојот личен фаворит и потсетник на младоста) повторно ја носи својата раскошна мешавина од овошје, цветови, зачини и дрвенести тонови. Diorissimo нè враќа во една поинаква идеја за женственоста, додека Diorama нè носи речиси до самиот почеток на парфемската историја на куќата.
А Kurkdjian, еден од најпознатите современи парфимери, во овој случај го прави можеби најелегантниот можен авторски гест: не се обидува да биде погласен од оние пред него.
Во ера опседната со новитети, Dior отвора архивска врата.
И од неа не излегува носталгија.
Излегува 80 години парфемска историја, повторно подготвена да се носи на кожа. И ние сме сосема подготвени за овој камбек.