Коко Шанел и парфемот на стилот

За Коко Шанел

Што да кажеме, а веќе да не е кажано за Коко Шанел? За модната револуција, за начинот на живот, за кршење на општествените норми, за култните парфеми, за нејзините последни години живеење во апартманот на Ritz, за апсолутното творештво до нејзиниот последен здив.

Едно е сигурно – Коко Шанел не сакала жената да изгледа украсено и “пренатрупано” како што била ситуацијата во нејзино време – сакала жената да изгледа своја.

Истата идеја што ја внела во модата — едноставност, слобода, чиста линија и тивок луксуз — подоцна ќе ја претвори и во мирис. И можеби токму затоа приказната за Chanel не може да се раскаже само преку малите црни фустани, костумите од твид и бисерите. Значи секако мора да се раскаже и преку парфемите.

Габриел „Коко“ Шанел е родена во 1883 година во Франција. По скромното детство и годините поминати во манастирско сиропиталиште, започнала со изработка на шешири, а потоа постепено создала модна куќа која радикално го менувала начинот на кој жените се облекувале.

Но во 1921 година Шанел направила нешто што тогаш било необично за една модна дизајнерка: создала сопствен парфем.

Chanel N°5 — мирис кој не требало да мириса на еден цвет

За создавањето на парфемот Коко соработувала со парфимерот Ернест Бо, кој претходно работел за руското царско опкружување. Нејзината желба била јасна — не сакала мирис кој едноставно ќе потсетува на роза, јасмин или само еден цвет.

Сакала „парфем со мирис на жена“.

Бо ѝ претставил повеќе примероци. Шанел го избрала примерокот со број пет — број кој го сметала за среќен. Така се родил Chanel N°5.

Неговата револуционерност била во композицијата. Во време кога многу парфеми биле директно препознатливи по доминантниот цвет, N°5 користел комплексна комбинација од јасмин, мајска роза, иланг-иланг, сандалово дрво, ванила и значително присуство на алдехиди — синтетички компоненти кои му давале апстрактна, чиста и речиси блескава димензија.

Дури и шишенцето било спротивност на тогашните декоративни парфемски флакони: правоаголно, минималистичко и речиси архитектонско.

Од N°5 до цел парфемски универзум

По N°5 следувале нови мириси. N°22 се појавил во дваесеттите години, а Cuir de Russie (во буквален превод “руска кожа”) ја носел фасцинацијата на Коко од Русија со неговите кожени, ориентални ноти.

Во 1927 година бил претставен Gardénia, а подоцна Chanel ќе изгради цела парфемска традиција која продолжува и долго по смртта на Коко во 1971 година.

Парфимерот Жак Полж, кој со децении го обликувал мирисниот идентитет на куќата, создадал модерни класици како Coco, Égoïste, Allure и Coco Mademoiselle. Подоцна парфемската традиција ја продолжува неговиот син, Оливие Полж; така, Жак и Оливие Полж (легендарното татко-син олфакторно дуо) оставаат неизбришлива и можеби сеуште недостижна мирисна Chanel трага низ изминатите децении.

А кога Мерилин Монро во педесеттите години на прашањето што носи во кревет одговорила дека носи „неколку капки Chanel N°5“, парфемот веќе имал култен статус.

И можеби токму тука лежи генијалноста на Коко Шанел. Таа не создава само облека и не создава само парфем. Сигурна во својот избор и верувам свесна за својата генијалност, пред 100 години дава едноставно и мошне храбро име на својот прв парфем – број 5, примерокот број 5, комбинацијата број 5. Без маркетинг стратегии, без таргет публика, без пазарен сегмент, без перцептивна мапа на потрошувачи –  Коко Шанел едноставно се посложува во својата глава и се води од својот инстинкт и своите сетила. Е, баш тука лежи нејзината генијалност. Затоа и денес не ми текнува кое друго дизајнерско име веднаш би се идентификувало со модни евергрини –  твид, мал црн фустан, бисери, парфем, женски панталони, пругасти маици, златен ланец на чантата. Освен можеби Кристијан Лабутин со црвениот ѓон за потпетици, Жан Пол Готје со ре-инвентираната маица на риги и корсетот…и толку мислам.