Кон филмот “Татко, мајка, сестра и брат” на Џим Џармуш

За пре-дефинираните општествени улоги и привидот да се држиме до истите
(Предупредување: текстот содржи спојлери)

Долго се спремав да го гледам “Татко, мајка, сестра и брат” на Џим Џармуш. На Cinedays го пропуштив. Во Кинотека го пропуштив. На грчки Syros го разбрав – не го доразбрав постерот за отворено кино и датум на прикажување. Нејсе, вчера конечно го изгледав во Фино-Кино во Лабораториум. Со дискусија, со се’. Значи, требало да биде раноесенска октомвриска ноќ за филмов.

Ако треба да го сумирам филмов во една реченица, тоа дефинитивно би било реченицата – “Секој си брка работа во животот”. Без разлика што децата мислат (повеќе би рекла претпоставуваат) за своите родители, и обратно, што родителите претпоставуваат за своите деца, претпоставките се потврдуваат само во нечие присуство на оние што сами си ја креиле претпоставката за вас. Притоа, Џармуш прекрасно ја фаќа онаа чудна фаза од животот кога децата одамна станале возрасни, но во присуство на родителите повторно стануваат своите стари верзии. Повторно бараат одобрување. Повторно премолчуваат. Повторно се нервираат на истите нешта. И повторно влегуваат во улогите што семејството им ги доделило многу одамна. Но, види чудо – истото се однесува и за родителите – со децата нема образец на однесување и однос кој сум бил пред да имам сопствени деца – има само играње на улогата воспоставена во семејната динамика родител-дете; така сме се поставиле, така ќе играме до крај. И можеби токму затоа луѓето понекогаш најмалку се свои таму каде што би требало да бидат најслободни – дома.

Е, токму во три вакви домови Џим Џармуш го сместува овој триптих за три одделни приказни: првата – брат и сестра го посетуваат својот татко, втората – две сестри одат на чај кај својата мајка, а во последната приказна брат и сестра се соочуваат со просторот што останал по смртта на нивните родители.

На површината на приказниве, речиси ништо не се случува, сосем обичен ден што би се рекло; но од психолошки аспект – се случува многу, бидејќи во филмот сите нешто кријат – некој пари, некој вистина за сопствениот живот, некој разочарување, некој потреба да биде сакан. Лагите овде не се големи измами; повеќе би рекла мали семејни одбранбени механизми. Начини да се зачува сликата што сакаме другите да ја имаат за нас. Особено пред родителите. Можеби и пред децата. Затоа гледајќи го филмот, неминовно ми се јавија две прашања, по едно за секоја страна:

-Колку години треба да имаме за конечно да престанеме да сакаме да ги импресионираме нашите родители?

-А колку време треба да помине за родителите брутално да признаат пред сопствените деца – “Не се занесувај, ти не си целиот мој живот, имав живот и пред тебе, имам живот и после тебе”.

Затоа велам, приказнава е повеќеслојна, по должина и по длабочина.

Џармуш не им суди на своите ликови. Само ги остава да седат еден спроти друг. А тишината меѓу нив станува речиси посебен лик во филмот. Во неа се сместени сите разговори што требало да се случат, но никогаш не се случиле. Дури посакуваш да станеш од седиште и да кажеш, “аман бе луѓе, до толку ли немате муабет, што е со вас?”

Освен оддалеченоста со родителите, километри растојание постои и меѓу самите браќа и сестри каде неминовно се таложи чувството – дај да завршиме со средбава и секој да си се врати на сопствениот живот, на сегашната реална (а не на фамилијарно креираната) верзија од себеси; и тек тогаш доаѓа последната приказна и незабележливо ја менува тежината на претходните две. Првите две приказни се одвиваат во присуство, третата приказна се одвива во отсуство на родителите – дали тогаш конечно се ослободува нашата автентична верзија од нас?

Затоа што додека родителите се живи, нивните навики можат да нè иритираат, нивната дистанца да нè повредува, а посетата да ни изгледа како обврска. Но, кога ќе ги нема, истиот тој простор станува археологија на еден живот. Гледаме предмети, фотографии, фиоки, облека и ситници и одеднаш сфаќаме нешто непријатно, би рекла, застрашувачко: нашите родители никогаш не биле само наши родители. Имале тајни, желби, стравови и цели светови во кои ние можеби никогаш не сме влегле.

Инаку просторите во сите три приказни се чиста спротивност на атмосферата која преовладува креирана од меѓучовечките односи – како со нож пресечени прекрасните идилични глетки од домашните прозори према нанадвор со тензичната атмосфера по дома навнатре.
Повторувачките елементи со скејтерите ми беа апсолутен сонувачки момент барем за еден миг – безгрижни, неоптоварувачки и несвесни за сеуште некреираната иднина. Колку ослободувачки! За другите повторувачки елементи – за прочистување на душата, за зближување на луѓето, за времето како релативен, а не апсолутен поим – оставам сами да си донесете заклучок.

Да не се заборави и дефинирачкиот колорит на секоја приказна – бордо, црвена и црна боја – баш симпатично и совршено вклопени бои во секоја приказна. Музиката, сонувачка, скоро па невидллива поддршка и меланхолична нота која прашува – дали вака требаше да биде во животот, дали можеше подобро, што си мислевме, а што добивме?

 “Татко, мајка, сестра и брат” не е филм за дисфункционални семејства.

Тој е филм за нешто многу почесто – за луѓе кои се сакаат, но не знаат секогаш како да стигнат едни до други. За пре-дефинирани семејни улоги кои не се менуваат и покрај тоа што динамиката оддамна е надрасната.

И можеби најбитното прашање за сите чинители на дејствијата – Кој сум јас во твое присуство, а кој сум јас во твое отсуство?