Индивидуацијата претставува централен концепт во психологијата развиен од швајцарскиот психијатар Карл Густав Јунг кој после работата со неброено многу пациенти го изложил концептот на индивидуација на едно лице каде тврди дека индивидуацијата претставува доживотно патување на откривање на сопствената личност, на самиот себе, на самиот селф.Тоа е процес на психолошки развој преку кој едно лице станува „своја личност“ — единствена, целовита и независна индивидуа.
Што всушност се случува за време на индивидуацијата?
Според Јунг, нашата психа е поделена на свесен и несвесен дел. Индивидуацијата е процес на спојување на овие два дела. Тоа значи:
-Запознавање на себеси: Откривање на вашите вистински желби, вредности и потенцијали, наместо слепо следење на она што општеството или родителите го очекуваат од вас;
-Прифаќање на „Сенката“: Соочување и прифаќање на оние делови од нашата личност кои ги криеме, ги игнорираме или не ги сакаме (на пример: потиснат бес, стравови или маани);
-Баланс: Постигнување на внатрешен мир каде што умот, емоциите и инстинктите работат во хармонија.
Разлика меѓу индивидуација и индивидуализам
Честопати овие два поима се мешаат, но тие се сосема различни:
-Индивидуализам: Себичност или фокусирање само на сопствените егоистични потреби и одвојување од заедницата;
-Индивидуација: Развој на сопственото Јас кое всушност ве прави подобри за светот. Кога точно знаете кој сте, вие можете да се поврзете со другите луѓе на многу подлабоко и поискрено ниво.
Како изгледа ова во реалниот живот?
Процесот обично започнува во втората половина од животот (криза на средните години), иако се развива постојано. На пример, едно лице го минува процесот на индивидуација кога:
– ќе престане да ги задоволува туѓите очекувања само за да биде прифатено;
-ќе си ги признае сопствените грешки и ќе преземе одговорност за нив;
-ќе почне да се занимава со она што навистина го исполнува (уметност, хоби, кариера), дури и ако околината не го разбира тоа веднаш.
Накратко: Индивидуацијата е патувањето од „она што светот сака да бидеш“ до „она што навистина си“.
Зошто понекогаш најголемиот отпор ни се појавува токму пред личната промена?
Постои еден интересен психолошки парадокс: човекот може со години да посакува промена, а кога конечно ќе му се укаже можност да ја направи, да почувствува необјаснив страв, несигурност, па дури и потреба да се врати назад.
Како да постои невидлива сила која нè задржува во познатото, дури и кога тоа познато одамна престанало да нè исполнува.Но зошто толку често се спротивставуваме на сопствениот потенцијал?
Затоа што познатото не мора да биде добро за да ни изгледа безбедно.
Нашиот психолошки систем сака предвидливост. Дури и незадоволителната работа, неисполнувачката врска или животната рутина можат да создадат чувство на сигурност, едноставно затоа што знаеме што да очекуваме.
Промената, од друга страна, бара напуштање на старата претстава, старата верзија за себе. Некогаш дури едноставно сме уморни да почнеме да се градиме од почеток, заглавувајќи доживотно во селф-от кој е изграден од нашите родители, нашата околина, а мислејќи дека тоа се нашите желби, потреби и постигнувања.
Па така, замислете личност која со години се гледа себеси како некој што не е доволно храбар да започне сопствен бизнис. Кога ќе се појави реална можност, наместо ентузијазам, може да почувствува анксиозност, да почне да ги преиспитува своите способности или да пронаоѓа причини за одложување. Не затоа што таа личност нема потенцијал, туку затоа што новата верзија на себе за успешен бизнисмен или претприемач сè уште ѝ е непозната.
Особено интересен е моментот кога човекот несвесно почнува да го саботира токму она што свесно го посакува. Одложува важни одлуки, се враќа на стари односи, ги минимизира сопствените успеси или бара совршени услови кои никогаш нема да пристигнат. Затоа би сакала да не заборавите, понекогаш не се плашиме од неуспехот, туку од одговорноста што доаѓа со успехот. Уште повеќе, се плашиме од новата личност која треба да стане поддршка на новото успешно (но и драстично поинакво) секојдневие. Дали сте спремни за драстично поинакво секојдневие?
И покрај сето ова, не секој отпор што го пружаме е знак дека грешиме. Понекогаш отпорот е разумно предупредување дека ни недостигаат информации, ресурси или поддршка за работата што сакаме да ја направиме. Една работа е храброста, а друга работа е пресметан ризик.
Личниот развој започнува кога ќе научиме да ја препознаваме разликата. И за крај,
можеби најголемата храброст не е да станеме некој апсолутно нов човек, туку едноставно да престанеме да се држиме за личноста која некогаш сме морале да бидеме.