Кон филмот “Скејтбордингот не е за девојчиња” на Дина Дума

Дина Дума е претставник на младата генерација режисери кои допрва ќе ни го обелат образот низ светот. Нејзиниот втор долгометражен фим “Скејтбордингот не е за девојчињa” го открива нејзиниот раскошен, флуиден и отворен за соработка режисерски талент, кој го забележавме првично во нејзиниот прв долгометражен филм “Сестри”.

За едно изгубено детство

“Скејтбордингот не е за девојчињa” не е филм за ромската заедница, тоа е филм направен со ромската заедница. Во средиштето е единаесетгодишната Адела, девојче од ромска населба во Скопје. Кога финансиската немаштија го доведува семејството до одлуката нејзината малолетна сестра Зара да биде омажена за пари, Адела одбива да ја прифати таа иднина како неизбежна. Скејтањето станува дел од нејзината борба да пронајде поинаков излез.

Во оваа приказна, скејтбордот може да се чита како мал простор на лична слобода: самата да го насочуваш телото, да изгубиш рамнотежа, да паднеш и повторно да се обидеш. Дума и самата го поврзува скејтањето со можноста девојчето да биде свое, ослободено од туѓото одлучување за неговото тело. Но, како се развива приказната, скејтбордот станува само еден мал сегмент од моралните дилеми со кои се соочуваат ликовите; и тука се чита потребата да се даде простор плус на секој лик да се изрази и да се продлабочи до крај нивниот израз за ќорсокакот во кој се наоѓаат.

Психолошки, најболна е поставеноста на Адела меѓу детството и одговорноста. Таа треба да игра, да истражува, да греши. Наместо тоа, се обидува да реши проблем што возрасните го претвориле во судбина на нејзината сестра. Нејзиниот отпор го отвора прашањето колку често детската „зрелост“ всушност е последица на прерано наметнат товар. Тука неминовно се поставува прашањето дали судбината на ромските девојчиња е навистина традиционална или последица на системот во кој живееме. И зошто правото на детство сè уште зависи од тоа каде си родена?

Дума дефинитивно знае енергетски да ги прочита кастинзите за нејзините филмови, и, и овој пат, глумците и натуршчиците се беспрекорно вклопени во целата приказна: Симонида Селимович, Ефќар Абаз, Џефрина Јашари нудат автентична, супериорна и навидум лесна, безнапорна изведба на главните ликови. Костимографката Матеја Фајт на ниво на задачата, со посебен акцент на Есма и Адела, како бунтовнички на една цела општествена норма и на едно долговековно традиционално сфаќање.

Автентично доловени воздушни и земјени кадри со пресoодветна музичка подлога исто така се дел од овој филм.

Во “Скејтбордингот не е за девојчињa” на неколку пати ќе ви се насолзат очите, ќе ве полазат морници, ќе ви застане кнедла во грло и ќе ве натера на размислување и преиспитување на моменталните сопствени ставови. А всушност, нели е тоа поентата на филмот, и на уметноста во крајна линија?

Не знам за вас, но јас едвај го чекам следниот режисерски израз на Дина Дума во целиот нејзин уметнички раскошен сјај.