Ода на Федерико Гарсија Лорка

“Кога би можел да плачам од страв во некоја осамотена куќа,
кога би можел очите да си ги извадам и да ги изедам,
би го сторил тоа заради твојот глас на портокал во црнина
и за поезијата твоја што се создава низ крикови.

Зашто заради тебе во сино ги бојосуваат болниците,
заради тебе растат училиштa и пристанишни населби
и се обвиваат со пердуви ранетите ангели,
и со лушпи се покриваат свадбените риби,
и морските ежови летаат кон небото:
заради тебе кројачниците со своите црни мембрани
се полнат со лажици и со крв,
ги голтаат искинатите траки, се убиваат со бакнежи,
и се облекуваат во белина.

Кога леташ облечен во праска,
кога се смееш со смеата на разбраниот ориз,
кога пеејќи трепериш со артериите и со забите,
со грлото и со прстите,
толку си мил што за тебе би умрел,
би умрел заради црвените езера
кај што живееш среде есента
со еден паднат ат и со еден окрвавен бог,
би умрел заради гробиштата
што минат како пепелави реки
со водата и со гробниците,
ноќе, меѓу задушените ѕвона:
реките набиени како спални
на болни војници, кои одненадеж се креваат
кон смртта во реките со мермерни брови
и со изгниени венци и масла погребални:
би умрел за да те видам ноќе.”

ИЗВАДОК ОД КНИГАТА “ИЗБОР ПОЕЗИЈА”  ПАБЛО НЕРУДА,
ИЗДАВАЧКА КУЌА “МИКЕНА”, 2009