Ерих Фром – Мисли за љубовта, слободата и смислата на животот

Ерих Зелигман Фром (23 март 1900 – 18 март 1980) бил германско-американски психолог, психоаналитичар, социолог, хуманистички филозоф и демократски социјалист.

Роден во еврејско семејство во Германија, Фром побегнал од нацистичкиот режим и се населил во Соединетите Американски Држави. Бил еден од основачите на Институтот за психијатрија, психоанализа и психологија „Вилијам Алансон Вајт“ во Њујорк и бил поврзан со Франкфуртската школа на критичката теорија.

Познат е по своето сфаќање дека слободата претставува темел на човековата природа, како и по критичкото преиспитување на теориите на Зигмунд Фројд.

Во текот на животот работел како универзитетски професор, објавил бројни книги и имал сопствена психоаналитичка практика. Во своите дела застапувал хуманистички поглед на светот, нагласувајќи ја предноста на начинот на постоење пред начинот на поседување – да се биде, наместо да се има.

Суштината на филозофијата на Ерих Фром е дека човекот не се остварува преку она што го поседува, туку преку она што станува. Љубовта не е само чувство што го добиваме од другите, туку способност што ја развиваме во себе. Слободата не е само отсуство на ограничувања, туку храброст да живееме во согласност со сопствената совест. А можеби најважната порака е дека животот не треба само да се преживее, туку свесно да се живее.

Во негова чест, денес издвојуваме 10 негови мисли за љубовта, слободата и смислата на животот.

 

  1. За зрелата и незрелата љубов

Незрелата љубов вели: „Те сакам затоа што ми требаш“. Зрелата љубов вели: „Ми требаш затоа што те сакам“.

  1. За потребата постојано да се оправдуваме

Не мораме никому да му даваме објаснувања или да полагаме сметки сè додека нашите постапки не им предизвикуваат болка или штета на другите. Колку само животи се уништени поради потребата постојано да се објаснуваме, што најчесто значи желба да бидеме разбрани, односно оправдани.

  1. За љубовта како способност, а не како поседување

Повеќето луѓе се убедени дека љубовта зависи од личноста што ја сакаат, а не од нивната сопствена способност да сакаат.Дури веруваат дека фактот што не сакаат никого освен својата сакана личност ја докажува силата на нивната љубов.
Токму тука се открива заблудата – насоченоста кон објектот на љубовта.

  1. За тоа што значи да се биде свој

Целта на човекот е да биде свој, а условот за постигнување на таа цел е да стане личност за себе. Не самоодрекување, не себичност, туку љубов кон себеси. Не отфрлање на поединецот, туку потврдување на сопственото човечко јас. Тоа се вистинските и највисоки вредности на хуманистичката етика.

  1. За празните разговори и погрешното друштво

Колку што е важно да ги избегнуваме празните разговори, толку е важно да го избегнуваме и лошото друштво. Под „лошо друштво“ не мислам само на расипаните луѓе. Нивното друштво треба да се избегнува затоа што нивното влијание е угнетувачко и штетно. Мислам и на друштвото на „зомбија“, чија душа е мртва, иако телото им е живо. Луѓе со празни мисли и зборови, луѓе што не разговараат, туку празно зборуваат, не размислуваат, туку повторуваат вообичаени мислења.

  1. За најважната животна задача

Главната животна задача на човекот е да си даде живот себеси, да стане она што потенцијално е. Најважниот плод на неговиот труд е неговата сопствена личност.

  1. За човечноста и братската љубов

Љубовта кон беспомошниот, љубовта кон сиромашниот и кон странецот се почеток на братската љубов.

  1. За уметноста на живеењето

За човекот сè е важно, освен неговиот сопствен живот и уметноста на живеењето.
Тој постои за сè друго, само не за себеси.

  1. За чувствителноста, радоста и тагата

Чувствителната личност не може да ѝ одолее на длабоката тага што ја предизвикуваат неизбежните животни трагедии. И радоста и тагата се неизбежни доживувања на чувствителната личност што живее исполнет живот.

  1. За животот што не сме се осмелиле да го избереме

Несреќната судбина на многу луѓе е последица на изборите што никогаш не ги направиле. Тие не се ниту живи ниту мртви. Животот им се претвора во товар, во бесцелно занимавање, а нивните дела служат само како заштита од маките на постоењето во царството на сенките.