Понекогаш, долго откако некој си заминал (и буквално и фигуративно) од нашиот живот, ние сè уште разговараме со него. Под туш, додека возиме, пред заспивање. Ги составуваме речениците што тогаш не сме успеале да ги изговориме. Замислуваме како конечно разбира, признава, се извинува. И како дури тогаш нешто во нас попушта.
Таа замислена завршна сцена е она што често го нарекуваме closure: чувство дека едно искуство добило крај и дека можеме да продолжиме понатаму. Но животот ретко ни обезбедува толку уредни завршетоци.
Некои пријателства згаснуваат без разговор. Некои љубови завршуваат со објаснување што отвора уште повеќе прашања. Некои родители никогаш не ги признаваат повредите што ги оставиле. А понекогаш смртта ја одзема и самата можност да прашаме: „Зошто?“
Тешко е да се прифати дека нешто што толку нè променило може да остане недообјаснето.
Зад потребата за последен разговор често стои подлабока желба: некој да ја потврди нашата реалност, нашата верзија. Да каже дека болката била вистинска, дека не сме измислувале, претерувале или барале премногу. Извинувањето може многу да значи. Искреното признавање може да олесни нешто што со години сме го носеле сами.
Но кога сопствениот мир целосно го врзуваме за туѓото признание, остануваме во чекалница чија врата ја отвора некој друг.
Тука започнува потешкиот дел од затворањето: да прифатиме дека можеби нема да го добиеме одговорот што го заслужуваме. Дека нечие молчење нема да се претвори во зрелост само затоа што ние доволно долго сме чекале.
Тоа прифаќање не ја брише одговорноста на другиот. Не бара да простиме, да заборавиме или повторно да дозволиме близина. Можеме да признаеме дека сме биле повредени и истовремено да престанеме секојдневно да го обновуваме судењето во својата глава.
Понекогаш помага да го напишеме писмото што нема да го испратиме. Да именуваме што точно сме изгубиле: личноста, довербата, заедничката иднина или надежта дека некогаш ќе бидеме разбрани, замислената верзија од нас во замисленото сценарио во нашата глава. Да си поставиме едно непријатно, но ослободувачко прашање: „Ако извинувањето никогаш не дојде, како сакам да живеам?“
Одговорот обично доаѓа постепено. Преку тага, граници, разговори и мали враќања кон сопствениот живот. Ќе има денови кога старата болка повторно ќе се јави. Тоа не значи дека сè почнува одново.
А можеби едно поглавје е затворено тогаш кога можеме да се сетиме на него без повторно да се напуштиме себеси.
И кога конечно ќе престанеме да го одложуваме животот до денот во кој некој друг ќе разбере што ни направил.