Денес ме нема: зошто ви треба еден „невидлив ден“

Колку од нашето слободно време навистина ни припаѓа? И кога немаме обврски, често сме во некакво дежурство: чекаме одговор, следиме што се случува, чувствуваме дека треба веднаш да возвратиме. На календарот пишува „слободен ден“, а ние и понатаму сме на располагање.

Токму тука се вклопува идејата за invisible day, односно „невидлив ден“: однапред избрано време во кое ја ограничувате дигиталната достапност и си дозволувате одмор од туѓите барања. Без постојано проверување пораки, работни мејлови и социјални мрежи. Ден во кој сте “никој и ништо” – грижлива мајка, совесна колешка, достапна ќерка, забавна другарка, примерна сопруга – не, денес е денот само ваш, без ниту една од овие улоги.

 

Невидливиот ден е дозвола привремено да излезете од сите улоги

Да појадувате без публика. Да прошетате без фотографија што ќе докаже дека сте прошетале. Да читате без да подвлекувате реченици за објава. Да направите нешто убаво што ќе остане само ваше.

За ваков ден е потребен мал договор со секојдневието. Изберете време без неодложни обврски, известете ги блиските дека ќе бидете помалку достапни и оставете начин да ве добијат за нешто итно. Доколку цел ден е неизводлив, одвојте неколку часа. И тоа е почеток.

Вредноста е и во можноста повторно да ја забележите сопствената желба. Дали навистина ви се излегува или само не сакате да одбиете? Ви треба разговор или тишина? Одмор или малку движење? Одговорите полесно се слушаат кога секој празен момент не го пополнува нова содржина. Можеби токму во тие неколку тивки часа ќе забележите колку често посегнувате по телефонот без конкретна причина. Раката оди кон него и кога нема што да проверите, едноставно затоа што паузата ви станала непозната. Дозволете ѝ да потрае малку подолго. Оставете ја мислата да заврши пред да ја прекинете со туѓа.

На почетокот може да се појави и вина, особено ако сте навикнати да бидете личноста што секогаш одговара, помага и организира. Не мора веднаш да ја ублажите со уште едно „само ова да завршам“. На луѓето околу вас можеби ќе им треба време да се навикнат дека вашата достапност има граници. И вам ќе ви треба време да престанете секоја непрочитана порака да ја доживувате како незавршена обврска.

Со повторување, ваквиот ден може да стане мал личен обичај што однапред го чувате во календарот. А кога некој ќе ве праша што сте правеле, „си одморав“ е сосема целосен одговор.

И ве молам, не претворајте го одморот во нов проект. Не мора да медитирате, да го средите домот, да завршите книга и да се вратите како „подобра верзија од себе“. Можете само да поседите. Да дремнете. Да гледате низ прозорец.

Најтешкиот дел можеби ќе биде да издржите без објаснување зошто сте недостапни.

Но не мора секое ваше отсуство да биде оправдано со болест, патување или премореност. Понекогаш е доволно да кажете: денес времето ми треба мене.