Постојат книги чии последни реченици нè тераат повторно да ја прочитаме целата приказна во мислите. „Животинска фарма“ на Џорџ Орвел е една од нив. Иако долго време ја одложував за читање, последниов период со моменталните политички случувања кај нас, а посебно во регионов, некако интуитивно ми се јави желбата да ја прочитам оваа кратка, јасна и вознемирувачка политичка алегорија на Орвел, која започнува со надеж за поправеден свет, а завршува со сцена во која таа надеж станува непрепознатлива.
Накратко кажано, животните од една фарма се креваат против својот господар – луѓето, убедени дека луѓето го злоупотребуваат нивниот труд и дека конечно ќе си ги вратат заслугите за трудот што им припаѓа ним и само ним. За свој водич, шталата ги одбира свињите. Но свињите, кои го преземаат водството, постепено ги присвојуваат привилегиите на поранешниот поредок, односно на луѓето. Орвел ја раскажува оваа преобразба со речиси сурова едноставност: секое ново отстапување добива оправдување од свињите, секоја неправда станува неопходност, а секое сомневање на жителите на шталата — се прогласува за предавство (нешто слично како и во Орвеловата “1984”).
Најболното во романот е постепеноста. Слободата исчезнува преку мали попуштања, преку замор, страв и верување дека водачите сигурно знаат подобро. Јазикот станува средство за замаглување на стварноста, а животните сè потешко го споредуваат ветеното со она што навистина го живеат.
И тогаш доаѓа последната сцена. Животните стојат надвор и гледаат низ прозорецот додека свињите и луѓето седат заедно на маса. Погледот им се движи од едните кон другите, сè додека веќе не можат да ги разликуваат. И во таа завршна слика е собрана целата трагедија на нивниот бунт.
За мене лично, најсилниот детаљ е овој прозорец. Животните што ја извојуваа промената остануваат надвор. Внатре се оние што одлучуваат, јадат, преговараат и се расправаат. Може да се менуваат лицата околу масата, но растојанието меѓу моќните и обесправените останува исто.
Последните реченици затоа зборуваат за нешто подлабоко од лицемерство. Тие го прикажуваат мигот кога ослободителите целосно го усвојуваат однесувањето на угнетувачите. Нивната некогашна борба веќе служи само како оправдување за сопствената власт.
Орвел е особено силен затоа што тука престанува да објаснува. Ни ја остава сликата и нè принудува сами да ја поднесеме. Нема утеха, ниту завршна правда што би го олеснила читањето.
Токму затоа, „Животинска фарма“ останува голема книга со брутална јасност. По последната страница, прашањето веќе не е само кој ја презел власта – свињите или луѓето. Прашањето е: што навистина се променило за оние што сè уште стојат надвор – кротките и вредни жители на шталата?
Жал ми е, но ништо. Апсолутно ништо.