Оставете ги децата да живеат!

Кога ќе слушнам возрасен човек како се згрозува од „слеј“, „делулу“ и „кринџ“, ми доаѓа да го прашам: а „не си прај бајрам со мозокот“ од лектор ли го научи?

Јас растев со „не се филмај“, „ај не ми продавај муда за бубрези“ и „ај, олабави ме“. Во речениците ми се шетаа турцизми, србизми, англицизми и домашни изуми со сомнителна граматика, ама со одлична експресивност. Затоа малку потешко ми оди глумењето јазична аристократија пред деца што велат „делулу“.

„Не биди делулу“ често ја врши истата работа како моето некогашно „не се филмај“ или „не си прај бајрам со мозокот“; односно, пак некој си направил сценарио во главата, “се исфилмал”, само изразот сменил јазична експресија.

Кога ќе слушнам „слеј“, јас го препознавам моето „растури!“, „газиш!“ или „која царица!“. „Кринџ“ ми е близок роднина на „ме фати срам за него“ (или србизмот “поједе ме туџа срамота”, ќе ми извините). А „гостинг“? Е, тоа однесување го паметам уште од времето кога објаснувањето гласеше: „Пропадна в земја, нит се јавува нит крева телефон.“

А „NPC“? За „NPC“ (Non player Character) јас велев „небитен си ко лански снег“ или „кој те врти“, а децата велат „NPC“ — спореден лик во некоја приказна. Не е баш нежно, ама не паметам ни дека мојата генерација секогаш се расправаше со дипломатски речник.

Не мислам дека секоја интернет-фраза е генијална. Некои ми се напорни, некои ми се смешни, а за некои очигледно веќе немам возраст. И тоа можам мирно да го поднесам. Немам потреба секој разговор на помладите да ми биде целосно разбирлив, уште помалку одобрен од мене.

Го сакам македонскиот јазик и сакам да се чита, пишува и зборува богато. Ама не очекувам разговор меѓу тинејџери да звучи како свечен говор. Мислам, и ние знаевме дека писмена задача по македонски јазик и муабетот пред зграда бараат различен речник.

Повеќе би сакала да прашам „што значи тоа?“ отколку веднаш да пресудам „ништо не знаете“. Така барем имам шанса да слушнам нешто.

Остајте ги децата да живеат. Јас мојата младост ја поминав со „кул“, „топ“, „закон“ и „лудница“. И сега би било малку “делулу” да се однесувам како да сум растела во лекторско одделение.