Пред кожената јакна, брадата и самоуверениот поглед од „Faith“, беа две момчиња што изгледаа како летото никогаш да нема да им заврши. Пред светот да го запознае Џорџ Мајкл како голем солоуметник, постоеја Wham! — и онаа заразна радост што можеше да ја собере само поп-музиката од осумдесеттите.
Џорџ Мајкл и Ендру Риџли го основале дуото во 1981 година, носејќи го со себе пријателството од училишните денови. Нивната приказна почнала со заеднички сон: музика, сцена и живот поголем од секојдневието што го познавале.
Во нивниот свет има боја, движење и младешка дрскост. „Young Guns“, „Wham Rap!“ и „Club Tropicana“ ја носат енергијата на генерација што сака да излегува, да танцува и барем неколку минути да не размислува за утре. Деби-албумот „Fantastic“ пристигнува во 1983 година, а веќе следната, со „Make It Big“, нивната амбиција добива и совршено име. „Wake Me Up Before You Go-Go“ стигнува до првото место и во Британија и во САД.
Лесно е денес таа музика да ја сместиме меѓу неонските бои и носталгичните забави. Но, зад ведрината се слуша автор што веќе умеел прецизно да ги обликува чувствата. Во „Everything She Wants“, под ритамот што повикува на танцување – живеат незадоволство, материјални очекувања и заморот на еден однос. А „Last Christmas“, објавена во 1984 година, ја облекува љубовната повреда во празнична мелодија. Можеби токму затоа толку добро ја паметиме: звучи како прослава, а раскажува за разочарување.
Потоа секако, тука е и „Careless Whisper“. Носечкиот саксофон тука како да ја отвора вратата кон еден поинаков Џорџ: посериозен, ранлив, свесен дека гласот може да каже многу повеќе од она што го покажува насмевката. Песната ја напишале Мајкл и Риџли, а во Британија била објавена како солосингл на Џорџ Мајкл. Самостојната приказна на Мајкл, значи, почнувала додека Wham! сè уште постоеле.
Во 1986 година дуото се разделува, со проштален концерт на „Вембли“. Џорџ продолжува кон кариера во која неговиот талент ќе добие многу подлабоки и посложени изрази.
Но Wham! остануваат зачувани во едно посебно време, пред славата да стане тежина и голем товар. Со едно доминантно чувство би рекла, чувството дека животот навистина е песна!