За инстаграмичното беж семејство: кога среќата станува естетика

Скролам, скролам деновиве и  ми доаѓаат така мисли спонтано, предизвикани од сликиците што излегуваат пред мене периодов – мислам дека постои еден посебен вид на семејство што, се чини, живее на Инстаграм.

Нивниот дом е беж. Но не обичен беж, туку внимателно осмислен беж: ленени завеси, светло дрво, керамички шолји, плетени корпи и детски играчки што некако совршено се вклопуваат со бојата на гарнитурата. Нема пластични диносауруси расфрлани по ходникот. Нема планина од алишта што чекаат да бидат испеглани. Нема пола изеден сендвич заборавен на масата.

Децата јадат брокула. Доброволно.

Заморот на мајката изгледа фотогенично.

Таткото емотивно достапен во позадина, као не ме сликај, ама ајде сликај ме.

Зошто, се прашувам?

Луѓето отсекогаш претставувале одредена верзија од себе пред другите. Многу пред Инстаграм, семејствата внимателно се облекувале за фотографирање, ја средувале дневната соба пред да дојдат гости и избегнувале да зборуваат за одредени проблеми надвор од домот.

Но социјалните мрежи ни воведоа нешто поинакво: можност постојано да си го режираме сопственото секојдневие.

Појадокот може да стане содржина.

Мајчинството може да стане визуелен идентитет.

Бракот може да стане бренд.

Детството може да стане дел од естетската приказна на семејството.

И полека се случува нешто психолошки многу интересно.

Повеќе не го живееме само својот живот.

Почнуваме и да се набљудуваме себеси додека го живееме.

Дали ова изгледа убаво?

Дали изгледа смирено?

Дали изгледам како добра мајка?

Дали некој што го гледа мојот живот би поверувал дека сум среќна?

И така…и така се создава суптилна поделба помеѓу:

 

Доживувањето и претставувањето

Наместо да се прашуваме: Како се чувствувам во сопствениот живот?, почнуваме да се прашуваме: Како изгледа мојот живот?

А тоа се две сосема различни прашања.

Беж бојата не е проблемот

Да се разбереме, нема ништо психолошки спорно во љубовта кон неутрални ентериери, дрвени играчки, органска храна или убаво уредени домови. Убавината навистина може да нè смирува. Редот може да создаде чувство на стабилност. Малите ритуали можат да му дадат смисла на семејното секојдневие.

Проблемот започнува кога естетиката незабележливо добива морална вредност.

Уредниот дом станува доказ дека жената е способна.

Здравата исхрана станува доказ дека жената е добра мајка.

Убаво облечените деца стануваат доказ за успешно родителство.

Романтичниот сопруг станува потврда за личната вредност.

Семејните патувања стануваат доказ за успешен брак.

И затоа одеднаш беж кујната повеќе не е само кујна.

Таа станува доказ.

Доказ дека животот е под контрола.

Дека мајчинството е совладано.

Дека бракот функционира.

Дека животот го живееме правилно.

Детето што јаде брокула 

Можеби ништо не ја претставува оваа фантазија подобро од детето на Инстаграм што среќно јаде зеленчук, да не речам брокула. Да се разбереме, брокула се пројадува над 30 години…мислам, природно, без натегање.

А вистинските деца се непредвидливи суштества.

Ја одбиваат храната што вчера ја обожавале. Плачат затоа што бананата, ете, им се скршила на пола. Облекуваат чудни комбинации. Имаат емотивни испади во супермаркет. Одбиваат да спијат токму кога родителите очајно имаат потреба од одмор.

Со други зборови, децата прекрасно се спротивставуваат на секој обид да бидат претворени во бренд. А вие упорно ги претворате сопствените деца во бренд.

Смиреното дете што јаде брокула испраќа порака што оди многу подалеку од здравата исхрана:

Ова семејство функционира

А зад таа слика се крие една од најдлабоките несигурности на современото родителство: стравот дека однесувањето на детето претставува јавна оценка за родителот.

Ако детето е мирно, здраво и убаво облечено, веројатно сум добра мајка.

Ако вика, одбива храна, има тешкотии или се однесува непредвидливо, можеби некаде сум погрешила.

Заборавате, психолошки здравото родителство не подразбира создавање естетски совршено дете.

Детето не е завршен проект на родителот.

А семејството не е успешно затоа што неговите членови убедливо ја глумат среќата.

Постојано мотивираната мајка

Инстаграм мајката заслужува посебно внимание.

Таа е нежна, но продуктивна. Убава, но без видлив напор. Посветена на децата, но никогаш психолошки исцрпена од мајчинството.

Готви. Вежба. Патува. Другарки. Пријателства. Нетворкинг насекаде. Има прекрасен брак. Се грижи за себе. Послужува зеленчук и протеини 24/7. И постојано насмеана. Суптилен натпревар и споредба – јас успевам во животот, а вие? Ние, неминовно се прашуваме… што би правела ти без твојата онлајн публика дамо наша?

Затоа, ве молам, немојте никогаш да се споредувате со:

Колажот составен од најдобрите моменти на десет жени

Кујната на една. Телото на друга. Бракот на трета. Децата на четврта. Патувањата на петта. Емоционалната зрелост на шеста. Стилот на седма. Слободата на осма. Умот несвесно ги спојува сите овие во една измислена жена, а потоа си го поставувате прашањето:
Зошто јас не можам да бидам ваква? Се разбира дека не можете. Бидејќи таа жена не постои.

Исчезнување на обичното

Можеби едно од најтивките психолошки влијанија на социјалните мрежи е тоа што обичниот живот почнува да ни изгледа недоволен. Некогаш на една обична недела не ѝ требало ништо повеќе освен да биде…преживеана. Пазете, не на ден, на една цела недела. Кафето не мора да има атмосфера. Детските родендени не мора да имаат тема. Семејните патувања не мора да имаат фотографии. Вежбањето не мора да биде документирано. Божиќ не мора да има палета на бои. Нека го фрли првиот камен тој што не е виновен.

А забораваме дека голем дел од вистинската семејна блискост воопшто не е фотогеничен. Тоа е седењето покрај дете што не може да заспие. Тоа е расправијата со партнерот и враќањето дваесет минути подоцна со зборовите: „Не требаше така да ти се обратам“. Тоа се подгреани макарони од вчера. Возење на тинејџер што едвај ви зборува, но кому вашето присуство сепак му значи. Болест. Финансиска неизвесност. Досада. Простување. Повторување. Интерни шеги што никој друг не би ги разбрал.
Овие моменти ретко создаваат убава содржина. Но многу често создаваат емоционална поврзаност.

 

И без и со Инстаграм , среќното семејство не е семејство без темнина

Една од најопасните илузии што ги создава сликата за совршено семејство е верувањето дека здравите семејства живеат во постојана хармонија. Не, не живеат.

Не можам а да не ја споменам воведната реченица на Лав Толстој во Ана Каренина: сите семејства се среќни на ист, а несреќни на свој начин.

И во здравите семејства постојат лутина, љубомора, разочарување, раздразливост, конфликти и периоди на оддалеченост. Разликата не е во отсуството на тешки емоции.

Разликата е во тоа што прави семејството со нив. Може ли некој да биде лут, а притоа да не го изгуби чувството дека припаѓа? Може ли детето да го разочара родителот без да почувствува дека љубовта исчезнала? Може ли сопружниците да не се согласуваат без меѓусебно понижување? Може ли некој да каже: „Погрешив“? Може ли тагата да влезе во домот без сите веднаш да се обидат да ја сокријат? Може ли членовите на семејството да бидат различни без да бидат казнети поради тоа?

Затоа што човечкиот живот е полн со противречности. Можеме неизмерно да ги сакаме своите деца, а понекогаш очајно да посакуваме да бидеме сами. Можеме да имаме добар брак и сепак да поминуваме низ осамени периоди. Можеме да бидеме благодарни за животот што го имаме, а повремено да посакуваме некој друг. Можеме да објавиме фотографија од искрено среќна сабота, а во недела да плачеме. И двата момента можат да бидат вистинити.

Можеби не им завидуваме на работите на кои мислиме

Кога ги гледаме фотографиите и се прашуваме дали е ова можно, можеби вреди да бидеме љубопитни кон сопственото чувство. Можеби воопшто не ја посакуваме кујна на таа жена. Можеби го посакуваме нејзиниот привиден спокој. Можеби не ги посакуваме нејзините деца. Го посакуваме чувството дека родителството може да биде лесно. Можеби не го посакуваме нејзиниот сопруг. Го посакуваме чувството дека не сме сами во животот. Можеби не го посакуваме нејзиното патување. Посакуваме простор, време и слобода. Можеби воопшто не го посакуваме нејзиниот живот. Го посакуваме чувството што нејзината фотографија го буди во нас: сè е во ред.

Токму затоа овие слики се толку моќни. Тие продаваат нешто многу подлабоко од мебел, рецепти или мајчинство. Тие продаваат психолошка сигурност. Свет во кој децата се здрави, бракот е исполнет со љубов, кујната е чиста, иднината ем безбедна, ем адреналинска и сите што ги сакаме засекогаш ќе останат покрај нас. Но, за жал, животот не ни нуди такви гаранции и ниту една естетика не може да нè заштити од неизвесноста на иднината.

А семејството, семејството е сè што се случува откако фотографирањето ќе заврши. Детето ја фрла брокулата. Некој го истура сокот. Родителите не се согласуваат. Малото дете плаче. Некој ја губи трпеливоста. Некој кажува нешто што не требало. И животот продолжува. Во беж, или можеби во сите можни нијанси на животот.