Жал ми е, но HR не работи за вас

Жал ми е, но HR не работи за вас

„Ако имаш проблем, оди во HR.“

Ова е можеби една од најчесто повторуваните реченици во корпоративниот свет, вклучително и фирмите кај нас.

И една од најпогрешно разбраните.

Затоа што кога вработениот ќе влезе во канцеларијата на Human Resources, често верува дека влегува во неутрален простор — место каде некој ќе го сослуша, ќе ја процени ситуацијата и ќе го заштити доколку му е нанесена неправда.

Но постои една непријатна корпоративна вистина:

HR не е синдикат.
HR не е ваш адвокат.
HR не е психолог.

HR е дел од компанијата.

И платата на HR не ја исплаќа вработениот кој дошол да се пожали.

Ја исплаќа организацијата.

„Ние сме тука за вас“
(О дали навистина?)

Современите корпорации сакаат да зборуваат за луѓето.

People first.

Wellbeing.

Safe workplace.

Open-door policy.

Speak up culture.

Mental health.

Work-life balance.

Вредности на компанијата, кодекс на однесување, политика за квалитет на работењето. Во интерните мејлови се зборува за емпатија. На LinkedIn се објавуваат фотографии од насмеани тимови, тим-билдинзи и корпоративни појадоци.

Но вистинската култура на една компанија не се гледа кога сите се задоволни.

Се гледа кога еден вработен ќе каже: „Имаме проблем.“

Особено ако проблемот се вика: успешен менаџер, директор со одлични резултати, човек близок до врвниот менаџмент или некој кој носи многу пари во компанијата.

Тогаш корпоративните вредности добиваат тест.

HR да, можеби ве слуша. Но истовремено и ве проценува.

Ова е делот кој многу вработени го сфаќаат предоцна.

Кога разговарате со HR, вие не водите приватен разговор со пријател.

Додека вие раскажувате што ви се случило, организацијата може да проценува нешто сосема друго:

Колкав е ризикот?
Има ли докази?
Може ли ситуацијата да прерасне во правен проблем?
Кој друг е вмешан?
Каква е позицијата на менаџерот?
Може ли конфликтот да се реши интерно?
Што е најбезбедно за компанијата?

Вработениот влегува со прашањето:
„Ќе ме заштитите ли?“

Корпорацијата може да размислува:
„Како да го менаџираме овој ризик?“

И тоа не е истото прашање.

 

Најголемата грешка е да кажете сè само затоа што некој делува емпатично

„Разбирам.“
„Жал ми е што си го доживеала тоа.“
„Слободно кажи ми сè.“
„Ова е безбеден простор.“

„Ќе пренесам и ќе најдеме решенние.“

Човечката топлина е важна.

Но вработениот мора да направи разлика помеѓу емпатија и лојалност.

HR професионалецот може искрено да сочувствува со вас, а сепак неговата професионална должност да бара информацијата да биде документирана, споделена или ескалирана.

Затоа сериозните корпоративни разговори не треба да се водат како исповед.

Треба да се водат како професионална комуникација.

Што се случило?
Кога?
Кој бил присутен?
Што било кажано?
Дали постои документација?
Дали ситуацијата се повторувала?

Фактите имаат поголема тежина од емоционалниот хаос.

А што ако проблемот е вашиот шеф?

Тука корпоративната психологија станува особено интересна.

На хартија, компанијата може да има нулта толеранција за токсично однесување.

Но организациите не функционираат само според правилници.

Тие функционираат и според моќ.

Замислете две лица.

Едниот е вработен со две години стаж.

Другиот е директор кој води 150 луѓе, носи милионски договори и има десет години историја во компанијата.

Формално, правилата важат за двајцата.

Но дали нивната организациска тежина е иста?

Не секогаш.

И тука се раѓа најопасниот корпоративен феномен:

кога компанијата почнува да го меша „она што е добро за организацијата и нејзините вработени“ со „она што е добро за луѓето кои имаат моќ во организацијата“.

Тоа не е исто.

Понекогаш токму човекот кој компанијата се обидува да го заштити е човекот кој долгорочно ја уништува нејзината култура.

„Тешко се работи со него, да, он си е таков човек“

Постои уште еден суптилен ризик.

Вработен кој долго молчел може еден ден конечно да почне да зборува.

За неправедниот менаџер.
За навредите.
За фаворизирањето.
За прекувремената работа.
За притисокот.
За мобингот.
За хаотичната организација.

И одеднаш разговорот може да се префрли од:

„Што се случува во овој тим?“

кон:

„Зошто оваа личност има толку многу конфликти?“

Така системскиот проблем понекогаш станува индивидуален проблем.

Не зборуваме повеќе за токсичната средина.
Зборуваме за „тешкиот вработен“.
За „недостаток на флексибилност“.
За „комуникациски предизвици“.
За „недоволна усогласеност со корпоративната култура“.

Јазикот се менува.

А со него понекогаш се менува и приказната.

Корпорациите ретко велат: „Сакаме да те отстраниме“

Корпоративниот свет има неверојатна способност суровите работи да ги претвори во меки зборови.

Отказот станува „разделување“.
Намалувањето на бројот на вработени станува „оптимизација“.
Укинувањето на позицијата станува „реструктурирање“.
Незадоволството од вработениот станува „performance concern“.
Конфликтот со менаџментот станува „misalignment“.

Сè звучи чисто, рационално и речиси – стерилно.

Но зад корпоративниот речник секогаш постојат вистински луѓе.

Со кредити.
Со семејства.
Со стравови.
Со професионален идентитет.

И со живот кој не завршува кога ќе го затворат службениот лаптоп.

Тогаш, треба ли да му веруваме на HR?

Да — но со зрело разбирање на неговата функција.

Добриот HR може да биде еден од најважните корективни механизми во компанијата.

Може да спречи злоупотреба.
Може да препознае мобинг.
Може да запре дискриминација.
Може да му се спротивстави на лош менаџмент.

Може да создаде услови во кои луѓето навистина ќе бидат третирани достоинствено.

Но добриот HR го прави тоа не затоа што е „пријател на вработените“, туку затоа што разбира нешто многу поважно:

Компанија која ги гази своите луѓе на крајот се уништува самата себе.

Затоа најдобрите HR професионалци понекогаш ја штитат компанијата токму така што ја штитат личноста која има најмалку моќ во просторијата.

Не плашете се од HR. Само не бидете и наивни кон нив кои сепак го штитат системот од кои се платени.

Кога имате сериозен проблем на работа, зборувајте.
Но размислете пред да зборувате.
Документирајте.
Чувајте ја релевантната комуникација во рамките на законските и корпоративните правила.
Поставувајте конкретни прашања.
Побарајте да знаете што следува по вашата пријава.
Не претпоставувајте дека секој разговор е доверлив само затоа што бил пријатен.

И кога ситуацијата е сериозна, знајте дека постојат и независни извори на професионална и правна помош.

На работа не мора да бидете параноични.

Но мора да бидете информирани.

Затоа што HR има два збора, но две различни реалности

Human Resources.

Компаниите сакаат да го нагласуваат првиот збор:

Human. Човек.

Но кога ќе дојдат криза, конфликт, пари, репутација и корпоративен ризик, понекогаш многу погласен станува вториот:

Resource. Ресурс.

И можеби вистинскиот тест за една компанија не е колку убаво зборува за своите луѓе кога сè оди добро.

Туку што прави кога заштитата на еден човек станува непријатна, скапа или политички незгодна.

Тогаш се гледа дали „луѓето ни се на прво место“ е корпоративна вредност —
или само реченица напишана во правилник кој и онака ретко кој го чита.