„Си бил еднаш еден мал принц кој живеел на една планета одвај поголема од него и на кој му требал пријател… За оние што го разбираат животот, ова би изгледало многу повистинито.
Зашто јас не сакам мојава книга да се чита површно. Чувствувам толку тага кога ги раскажувам овие спомени. Има веќе шест години откако мојот пријател си замина со својата овца. Ако се обидувам да го опишам тука, тоа го правам за да не го заборавам. Тажно е да се заборави пријател. Си нема секој пријател. И јас можам да станам како возрасните кои се интересираат само за бројки. Значи, токму поради тоа купив една кутија со боички и моливи. Мачно е на моја возраст да му се вратам на цртањето, кога никогаш не смогнав да направам други обиди освен оној со затворената боа и оној со отворената боа, кога имав шест години! Ќе се обидам, се разбира, да направам колку што е можно поверни портрети. Но не сум сигурен дека ќе успеам. Еден цртеж е успешен, а на другиот повеќе не личи. Малку се лажам во однос на ставата. Овде Малиот Принц е многу голем, а онде е премногу мал. Исто така, се колебам и за бојата на неговата облека. Па се обидувам и вака и онака, колку добро толку и лошо. Најпосле се лажам и за некои многу значајни детали. Но тоа треба да ми биде простено. Мојот пријател никогаш не даваше објасненија. Ме сметаше можеби за сличен на себе. Но јас, за жал, не умеам да видам овца низ сандакот. Можеби сум малку како возрасните. Најверојатно сум остарел.”
ИЗВАДОК ОД КНИГАТА “МАЛИОТ ПРИНЦ”, АНТОАН ДЕ СЕНТ-ЕГЗИПЕРИ , ИЗДАВАЧКА КУЌА “ТРИ”, 2019