Ралф Лорен започнува далеку од светот на привилегиите што подоцна ќе го обликува неговиот бренд. Роден на 14 октомври 1939 година во Бронкс како Ралф Лифшиц, Лорен на својот роденден во 2026 година полни 87 години. Неговата приказна останува едно од највпечатливите остварувања на американскиот сон: момче од семејство на имигранти кој успева да изгради сопствена визија за луксузот по кој подоцна ќе го препознава целиот свет. Како син на еврејски имигранти, започнува најпрво како продавач во Brooks Brothers, а потоа се преориентирал на продавање вратоврски. Во 1967 година ја започнува сопствената линија со широки вратоврски, спротивни на тогашниот тренд на тесни модели. Во 1971 година претставил женски кошули инспирирани од машкото кроење, на чии манжетни се појавил амблемот на поло играчот. Следната година пристигнала неговата препознатлива поло маица, која ќе стане едно од најпознатите парчиња во современата гардероба. Нејзината привлечност била во едноставноста: доволно спортска за секојдневието, доволно уредна за чувството на ненаметлива елеганција. Името Polo го избрал поради асоцијацијата со спорт, престиж и префинет живот. На почетокот самиот ги доставувал производите до продавниците — скромен почеток за човекот што ќе ѝ даде препознатлив изглед на американската елеганција. Кај Ралф Лорен, кашмирскиот џемпер веднаш ќе ве повика на викенд на село, ленената кошула ќе замириса на лето покрај океанот, а вечерниот костум ветува свет во кој елеганцијата доаѓа природно.
Ако го наречеме татко на американската висока мода, тоа е признание за неговото влијание врз американската елеганција. Неговиот моден јазик ги спојува британската аристократска традиција, универзитетскиот preppy стил и слободата на американскиот Запад. Твид, деним, чизми за јавање и беспрекорно скроени сакоа кај него припаѓаат во истиот гардеробер. Во таа комбинација има и дисциплина и лежерност — способност да изгледате дотерано, без впечаток дека цел ден сте размислувале за облеката.
Ако ги отвараме неговите домови – тие ја продолжуваат истата приказна. Со сопругата Рики, Лорен поседува раскошен имот во Бедфорд, Њујорк, стан на Петтата авенија во Менхетен, крајбрежен дом во Монтаук, ранч Double RL во Колорадо и куќите High Rock и White Orchid во Јамајка во рамките на Round Hill; а неговиот ранч Double RL се простира на околу 6.880 хектари: простран пејзаж во кој неговата љубов кон каубојската култура добива вистинска адреса.
Секој од овие простори открива различна страна на неговиот вкус: антиквитети и топлина во Бедфорд, урбана префинетост во Њујорк, белина и тропска светлина во Јамајка; а со Ralph Lauren Home, лансиран во 1983 година, таа естетика влегува и во домовите на неговата публика.
Неговите креации добиваат исто така и филмски живот – за „Големиот Гетсби“ од 1974 година, машката костимографија вклучувала облека од неговата линија Polo, а за Роберт Редфорд создал посебен розов костум.
Така, чекор по чекор, Лорен успева да изгради препознатлива модна приказна – омиленото сако, старата кожена фотелја, семејството околу масата – повеќе би рекла животен стил отколку чиста мода.
За крај, на својот 87. роденден, Лорен нè потсетува колку далеку може да стигне една лична визија. Особено кога зад неа стои човек кој најпрво се осмелил самиот да ја живее. Среќен роденден Ралф Лорен!