Постоеја на времето тефтери (или понатаму викани нотеси) во кои запишуваме список за пазарење, разни телефонски броеви од пријатели, кумот, комшии, броеви од деловни соработници, броеви од разни мајстори (водоводџија и автомеханичар задолжително минимум по два броја) или беше запишано едноставно нешто што не смеевме да го заборавиме. Обични црни скај, но и скапи кожни кафеави тефтери кои секоја Нова Година ги собиравме (а богами и дававме) како репрезентационен материјал заедно со пенкалце и календар(че). Се сеќавам, внимателно бирав со кој тефтер ќе ја почнам новата година; некогаш ми се допаѓаа повеќе ‘испресечените’ тефтери со однапред напишани денови, недели и месеци, а потоа, како растев, сфаќав дека подобро ми е сама да си го правам распоредот зашто тефтерите со секој однапред напишан ден ме тераа по секоја цена да го пополнувам секој ден – тоа ми создаваше блага анксиозност (тогаш ниту се употребуваше, ниту сум знаела дека постои овој збор – значи сакав да кажам блага нервоза со необјаснива напнатост) и тоа траеше добри неколку години додека сфатив дека заморно е секој ден да го пополнувам со минимум четири активности и уште па ако не ги исполнам….апсолутен крах.
Така се префрлив на тефтерите со празни страни. Решив дека јас ќе го пишувам и денот и месецот и годината и да, не мора да бидат 365 дена во годината со по 4-5 активности дневно. Значи нотесот не мора да ми биде однапред структуиран ниту по редови, ниту по активности – што сакам, како сакам, во било која форма – ќе пишувам и ќе скицирам. Ми треба само празна страна. Ниту календар напред, ниту година следна ме интересираше.
Лутајќи по совршениот тефтер, налетав на Paperblanks, штотуку излезени на нашиот пазар.
Paperblanks – нотес на уметноста и љубов на прв поглед
Празни страници, уметнички тврди корици – овој тефтер ме тераше да внимавам што ќе напишам во него. Да не кажам, мојата прва средба со Paperblanks беше љубов на прв поглед. А како и да не биде кога кориците на Paperblanks потсетуваат на стари антички ракописи, ориентални орнаменти извадени од некој хамам, ренесансни книги од некоја прастара библиотека, слика од музеј – хм, мене овој производ повеќе ми личеше на некој реликт отколку на современ тефтер. После тоа, открив дека токму во тоа се крие и идејата зад нивното создавање.
Сè e започнато со љубов кон книгата
Корените на оваа приказната се постари од самиот бренд Paperblanks.
Во 1972 година, во стара дрвена куќа во планините на Британска Колумбија во Канада, Виктор Л. Маркс (Victor L. Marks) ја основал издавачката куќа Cloudburst Press. Неговата прва книга била посветена на животот на село, практичните вештини и алтернативните начини на живеење.
Со текот на времето оваа мала издавачка куќа се развила во Hartley & Marks Publishers, издавајќи книги од областа на архитектурата, дизајнот, типографијата и културата. И токму од овој свет – свет во кој книгата не е само текст, туку и хартија, типографија, корица, врзување и физички предмет – се раѓа идејата за Paperblanks.
Потрагата по „совршениот тефтер“
На почетокот на деведесеттите години тимот зад Hartley & Marks започнал да размислува за нешто што денес звучи сосема едноставно: како би изгледал совршениот тефтер?
Не сакале обична корица со лого. Сакале предмет кој уште пред да се отвори ќе предизвика чувство дека во него треба да се создава.
Така започнале да бараат мотиви од различни култури, историски периоди и уметнички традиции кои би можеле да се пренесат на корици на тефтери.
Па така, првата колекција Paperblanks била лансирана во Ванкувер во 1992 година. Самата компанија ја опишува нивната почетна идеја како желба да се создаде „совршен тефтер“ користејќи впечатливи слики од различни уметнички и културни традиции.
И токму тука се појавила формулата која ќе го направи Paperblanks препознатлив повеќе од три децении подоцна: празни страници одвнатре – историја и уметност однадвор.
Првите корици биле инспирирани од Јапонија, ботаника и стари уметнички дела
Првата колекција од 1992 година денес звучи речиси како мала музејска поставка.
На кориците се појавиле ботанички илустрации на германскиот ботаничар од XVIII век Георг Дионисиус Ерет, акварели со диви цвеќиња од американската уметница Елса Варник, како и мотиви од класични јапонски паравани и свитоци од периодот Едо.
Набрзо следувале дизајни инспирирани од будистичка калиграфија, зен-сликарство со четка, раните принтови на Вилијам Морис, како и легендарната средновековна Книга од Келс.
Тоа всушност било нешто необично за светот на канцеларискиот прибор.
Paperblanks не гледал на корицата како на декорација.
Корицата добила своја приказна.
Тефтер што изгледа како стара книга
Еден од најсилните визуелни белези на Paperblanks станале кориците инспирирани од старите книговезнички техники кои Hartley & Marks Publishers веќе на големо ги употребувале.
Позлата. Релјеф. Орнаменти. Метални копчиња. Рабови украсени како кај старите ракописи. Магнетни преклопи.
Дизајнот понекогаш намерно создава впечаток на кожа, старо злато или книга која можеби со векови стоела во приватна библиотека. Но зад визуелниот впечаток стои и вистинска книговезничка традиција.
Paperblanks користи т.н. Smyth sewn binding, техника при која групите страници се шијат заедно, наместо едноставно да бидат залепени. Тоа овозможува книгата подобро да се отвора и истовремено ја прави поиздржлива. Компанијата користи и кремаста хартија без киселини, сатенски маркери и кај одредени модели декоративно печатење на рабовите на страниците.
Оттука доаѓа и она специфично чувство кога ќе земете Paperblanks во раце.
Не изгледа како предмет што треба брзо да се употреби и фрли.
Изгледа како нешто што треба да се чува.
Несвесна за ова на времето, во повеќе мои наврати на чистења, фрлајќи стари тетратки и тефтери, бидејќи нели, сега сè префрлам на телефон, Paperblanks секогаш ја избегнуваше судбината на останатите канцелариски тефтери и тетратки. За Paperblanks секогаш си велев – а не, тебе ќе те чувам – без разлика колку години поминуваа.
1995 – Ракописите на големите автори стануваат корици
Во 1995 година Paperblanks ја претставува серијата Literary Manuscripts, која подоцна ќе стане претходник на познатите колекции со ракописи и стари кожени повези.
Со текот на годините на кориците почнале да се појавуваат ракописи, белешки и дела поврзани со писатели, композитори, научници и уметници.
Токму тука ја гледам најубавата симболика на Paperblanks: нешто што некој голем ум го напишал во минатото се претвора во корица за нешто што допрва јас ќе го напишам. Уметност или мислител – па веднаш потоа моите зборови.
Со текот на времето Paperblanks започнал да соработува со музеи, библиотеки, архиви и уметници ширум светот; па така нивната дизајнерска библиотека денес содржи мотиви инспирирани од антички книговезнички корици, традиционални уметнички техники и современа уметност. Компанијата соработува со културни институции за дела кои потоа, преку посебни техники на печатење, стануваат дел од секојдневни предмети.
Тоа е една од причините поради кои Paperblanks има толку препознатлива естетика.
Тие не измислуваат само „винтиџ“ изглед, туку зад многу од кориците навистина постои оригинално историско дело, автор, ракопис, текстил, уметничка техника или книговезничка традиција; а на задниот внатрешен дел од нивните тефтери затоа често може да се прочита и приказната за оригиналното дело што ја инспирирало корицата.
Од Ванкувер до Европа
Paperblanks постепено прераснал од канадска идеја во меѓународен бренд.
Во 2002 година брендот официјално се проширува и во Европа, а во 2005 година бил отворен европскиот центар во Даблин. Подоцна понудата се проширила и со планери, адресари и други производи за пишување и организирање.
Во 2022 година започнало ново поглавје: по три децении на чело на компанијата, основачот Виктор Маркс се пензионирал, а Paperblanks бил преземен од издавачката група Hachette UK.
Но суштината на брендот останала речиси иста.
Книгата како убав предмет.
Пишувањето како ритуал.
И празната страница како можност.
Во свет кој повеќе станува дигитален каде белешките ни се во телефонот, календарот е апликација, а фотографиите ни се во cloud, Paperblanks нè потсетува на нешто сосема спротивно: на задоволството да земеме пенкало, да отвориме убава книга и физички да оставиме трага на страницата.
Хм, можеби затоа луѓето што купуваат Paperblanks потоа долго време не се осмелуваат да напишат ништо во него – овој тефтер е толку убав што ја чекаме „вистинската“ мисла, вистинската работа да ја запишеме. Но истовремено, токму тука се крие и најголемиот парадокс – да, корицата може да ја носи историјата на некој друг, но мислам дека празните страници се оставени за нашата. И лично сметам дека корицата на Paperblanks е совршен спој на минатото, со страниците на нашите сегашни планови за иднината.