Бела кошула, црвен кармин и чиста коса

Сè повеќе имам утра кога стојам пред полн гардеробер и немам што да облечам; верувам дека горе-доле со помали варијации и осцилации така е кај сите жени. Сè ни изгледа премногу свечено, премногу обично или некако туѓо – денес не сум тој идентитет. А не знам ни која сум денес, или едноставно немам време да размислувам.

Ги набљудувам белите кошули во мојот плакар – пошироки, струкирани, ленени, памучни, вискоза, полиестер (не е за пофалба последното знам), со кратки ракави,  со ¾ или со долги ракави, завиткани ракави, пуф-ракави, обична крагња, руска крагња, откопчано копче горе или закопчување до последно копче. Нејзиното височество – бела кошула може да биде вовлечена во фармерки, споена со црни панталони или оставена слободно над здолниште; a нејзината убавина е во тоа што дозволува вечен, би рекла безвременски живот: движење цел ден, канцелариско седење, кафе набрзина, долг работен ден и сосема на крај – пијачка во блискиот кафич; нормално, кај луѓето со коишто се среќаваш и те гледаат за прв пат во денот сепак делуваш сеуште свежо и покрај 10-часовниот работен ден, и покрај тоа што итната ситуација денеска во 11.00h ти донесе уште едно продлабочување на подочниците, а веќе во 15.00h ситуацијата се разреши; подочниците остануваат, римелот размачкан од денот, па појачан пред излегување од канцеларија, ама белата кошула е тука да ти го испегла денот визуелно и да изгледаш колку-толку сеуште на себе; значи, бела кошула оди со сè, а богами оди и со џин-тоник во 18, 19 или 20.00h.

Црвениот кармин, пак, е посебна приказна. Тоа е мала одлука, но со големо присуство. Некогаш е единствениот украс што ни треба. Неговата нијанса може да биде топла, студена, пригушена или смела; важно е да ја чувствуваме како своја; и тогаш и наједноставната облека добива личен карактер. За црвениот кармин е пишувано многу  – од Chanel и YSL култните нијанси, до L’Oréal и Maybeline, завршувајќи со Sephora и останатите low-budget (но никако, никако за потценување) брендови.

А косата? Би било фино да биде совршено фенирана. Но и не мора. Доволно е да е чиста, негувана и наместена така што не ни пречи да бидеме свои. Пуштена, собрана во ниска пунџа или врзана во опавче, таа ја заокружува целата слика со ненаметлива уредност. Чистата коса има посебна убавина: начинот на кој паѓа врз рамењата, лесно се движи и го врамува лицето. Може да биде украс на вашата комплетна личност, а може да ја одразува и вашата практична страна како жена доколку имате кратка коса. Во секој случај, уредна коса никогаш не излегува од мода исто така.

Размислувам дека во оваа комбинација има нешто што модата постојано го препознава: ЈАСНОСТ. Белата кошула му дава простор на лицето, црвениот кармин го привлекува погледот, а чистата коса внесува свежина и леснотија во изгледот на една жена. Секој елемент има своја улога, а заедно создаваат впечаток на жена што се чувствува удобно во сопствената кожа.

Токму затоа оваа тројка останува вечна и безвременски актуелна – ја носиме поинаку на дваесет, поинаку на четириесет и повторно поинаку на педесет и на шеесет години. А доколку и на седумдесет години сеуште носите фармерки и бела кошула тогаш ви честитам – сигурно изгледате десет години помладо отколку што имате. Секако, со годините се менува кројот на кошулата, се менува нијансата на карминот кој го носиме, како и начинот на кој ја носиме косата, но суштината останува иста – природна чистина без премногу трудење.

Бела кошула, црвен кармин и чиста коса. Понекогаш токму толку е потребно за да се погледнеме во огледало и да помислиме: денес повторно личам на себе.