Скопската Зоолошка: сто години во албумот на градот

Скопската Зоолошка Градина е место каде што сите ги препознаваме сопствените детства. Основана во 1926 година, изминатиот месец таа заокружи еден век постоење, а нејзините почетоци се поврзани со една тричлена комисија предводена од тогашниот доктор, биолог и зоолог – Станко Караман. На денешната локација, Зоолошката првично зафаќала четири хектари и располагала со скромен број животни, кои претежно биле добиени како подарок. Од тие почетоци, постепено израснала институција што станала дел од секојдневието на Скопје.

Сместена непосредно во Градскиот парк, Скопската Золошка Градина денес се протега на околу 12 хектари. Според официјалните податоци, Зоолошката Градина денес згрижува повеќе од 500 животни од над 85 видови. На веб-страницата на самата институција, меѓу нејзините жители се претставени лавови, сибирски тигри, јагуари, леопарди и рисови, но и слон, жирафи, зебри, нилски коњ и морски лавови. Разновидниот животински свет го дополнуваат шимпанза, гибони, лемури, меркати, двогрби камили, лами, алпаки и патагониски мари. Посебно се претставени и птиците, влекачите, рибите и инсектите. Нејзината замисла уште од основањето вклучувала научна и образовна улога: да го приближи животинскиот свет до јавноста и да поттикне интерес за природата.

Денес, во време кога децата можат да видат речиси сè на екран, непосредната средба сè уште има посебна сила. Да се набљудува животно значи да се забави чекорот, да се почека, да се забележат неговото движење и однесување; a таквата прошетка може да стане прва лекција за светот што постои надвор од нашите навики и потреби.

Токму затоа, љубовта кон Зоолошката треба да вклучува и наша одговорност. Нејзината вредност треба да ја мериме преку условите во кои живеат животните, стручната грижа на прекрасните вработени  и знаењето што посетителите го носат дома. Просторот за движење, можноста за повлекување на животните од нас, публиката, и почитувањето на потребите на секој вид, заслужуваат исто внимание како и секое ново младенче што нè радува во јавноста.

По сто години, Скопската Зоолошка носи голем емотивен капитал за сите нас. Во неа и од неа се зачувани семејни фотографии, училишни излети, неделни прошетки, а во поново време и детски родендени. Затоа  следните 100  години заслужуваат исто толку внимание кон животните како и во минатото; бидејќи нема човек кој барем еднаш не ја посетил Скопската Зоолошка Градина и не понел со себе барем еден спомен што му го враќа детството. Затоа, посакувам и генерациите што ќе доаѓаат тука во иднина да ги создаваат своите најубави спомени, учејќи дека радоста од средбата со животните секогаш оди заедно со грижата за нив.